Имаше првични реакции од германска страна, но чекаме официјален одговор на грчката вербална нота, изјави алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за државната телевизија ЕРТ во однос на грчкото барање за германските воени репарации, јави дописничката на МИА од Атина.
– Германија не одговори. За вербална нота секогаш постои писмено соопштение. Постојат соопштенија од Министерството за надворешни работи, без да биде наведено од кого се. Портпаролката (на германската Влада) го остави отворено прашањето велејќи дека постојат вербални ноти на кои одговараат и други на кои не одговараат. Не кажа што ќе прави со грчката вербална нота. Чекаме да го видиме официјалниот одговор на вербалната нота. Тоа е прва реакција од германска страна, без да имаме официјален одговор на конкретната вербална нора, онака како што треба. – истакна алтернативната шефица на грчката дипломатија за ЕРТ.
Од германската Влада и германското Министерство за надворешни работи преку нивните портпароли порачаа дека прашањето е веќе решено и затворено.
Атина, преку испратената вербална нота го повика Берлин на преговори за решавање на отворените прашања со барањата на Грција од Германија за исплата на воените репарации и оштети од Првата и од Втората светска војна.
Грчките барања се однесуваат на надомест на штетите што ги претрпе Грција за време на Првата и Втората светска војна, на воени репарации за жртвите и наследниците на жртвите на германската окупација, за отплата на окупаторскиот кредит и враќање на украдените и нелегално отстранети археолошки и други културни добра.