Началникот на Генералштабот на војската на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ изјави дека во разговор со началникот на Генералштабот на Русија добил „поддршка за тоа како да се работи во однос на Косово“.
– Ние се уште сметаме дека тоа е српска територија, а едностраните потези на Приштина ја влошуваат безбедносната состојба. Секако, особено не интересира безбедноста на Србите, не само во Северно Косово, туку и низ целата покраина – изјави Мојсиловиќ за Вечерње новости, по неговата прва официјална посета на колегите во Москва.
За сомнежите на НАТО кога станува збор српските воени маневри со Русија, началникот на српскиот Генералштаб кажа дека „ние сме отворени и подготвени за соработка и да вежбаме со сите“.
Инаку неодамна, Министерството за одбрана на Србија објави во Информаторот за работа преглед на донациите кои покажуваат дека од 2014 до 2018 година Србија добила најголема помош од САД. САД се најголем единечен донатор на српското Министерство за одбрана во 2018 година, покажуваат официјалните податоци.
Според Блиц, Србија добила околу 10 милиони американски долари помош од САД во опрема и пари.
Втора на списокот е Кина, со донации од околу 5,2 милиони евра, а потоа следува Норвешка со 586,000 евра, Данска со 494.860 евра и Велика Британија со 169 000 фунти.
Србија добила најголеми донации од САД за набавка на симулатори за обука за воени операции во вредност од 1,4 милиони американски долари и мулти-наменска опрема за полигон за обука во вредност од 819.800 американски долари.
– Суштината на овие активности и соработката е подигнување на квалитетот на нашите единици – кажа генералот Мојсиловиќ.