Пред зградата на грчкиот Парламент во Атина започнаа денеска протестите против Договорот од Преспа за промена на името на Република Македонија, а уште на почетокот на собирот дошло до судир на демонстрантите и полицијата.
Учесниците на протестите кон полицијата фрлале бакли и молотови коктели, а безбедносните сили возвратиле со солзавец. Еден маж, кој носел грчко знаме, нападнал полицаец со палка, додека други со дрвени јарболи удирале по полицијата. Во нередите девет полицајци се повредени.
Пред протестантите прв се обратил поранешниот грчки премиер Антонис Самарас, пренесуваат српските медиуми.
-Протестираме поради она за што знаеме дека е праведно. – пренесува Катимерини потсетувајќи дека Самарас отсекогаш зазема „цврст“ став во поглед на спорот со името.
Организаторите се надевале дека бројот на демонстранти ќе достигне над 600.000, но засега нивниот број е помал.
Организаторите најавиле дека 3000 автобуси ќе допатуваат од северна Грција, но полицијата, нешто по 14 часот соопштила дека само 300 автобуси тргнале на пат за Атина.