Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, рече дека земјата се надева дека ќе „сврти нова страница“ во своите врски со Соединетите држави и Европската унија и дека Анкара била подложена на „двојни аршини“ и од нејзиниот сојузник во НАТО Вашингтон и од блокот.
На почетокот на овој месец, Вашингтон ја санкционираше Турција во врска со набавката на рускиот ракетен систем С-400, а ЕУ исто така подготви казнени мерки во врска со спорот на Турција со членките на унијата Грција и Кипар околу медитеранските права.
-Турција се соочува со двојни аршини и во источниот дел на Средоземното море и со С-400-те. Посакуваме ЕУ, што побрзо, да се ослободи од стратешкото слепило што го мачи, им рече Ердоган на пратениците од неговата владејачка АКП и додаде оти смета дека новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, ќе ја покаже неопходната важност за врските меѓу Турција и САД.
Ердоган, исто така, се побуни на повикот на највисокиот европски суд за човекови права Турција да го ослободи курдскиот политички лидер Селахатин Демирташ по четири години затвор. Тој рече дека европскиот суд за човекови права донел „целосно политичка“ пресуда со објавување на пресуда пред Демирташ да ги искористи сите свои правни предизвици пред турските судови.