Во Турција вчера беа одржани локални избори на кои 57 милиони луѓе гласаа на своевиден референдум за поддршката на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Изборите се случуваат во момент кога земјата е воголема економска рецесија.
Со години Ердоган беше непобедлив, со слаба опозиција, но изгледа дека сега конзервативните гласачи кои обично му беа лојално го казнуваат за продлабочувањето на рецесијата во земјата, со 30-отстотен пад на вредноста на лирата и инфлација од 20 отсто.
Неговата Партија на правото и правдата (АКП) со години ги освојуваше сите избори од доаѓањето на власт во 2002, но аналитичарите тврдат дека ова е првпат партијата да не е убедена во сопствениот успех.
Ердоган синоќа на прес-конференција во Истанбул и покрај сѐ тврдеше дека неговата партија е „најсилната партија“ на овие избори.
Во престолнината Анкара опозицијата победи по 25 години доминација на партијата на Ердоган. Доколку опозицијата го освои и Истанбул, тоа ќе биде вџашувачки резултат во земјата во која 90 отсто од медиумите се провладини и во која Ердоган своите политички противници ги нарекува „терористи“.
Според досега објавените резултати, изгледа дека токму тоа ќе се случи.
Доцна синоќа опозицискиот кандидат за градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, повикувајќи се на податоци од својата партија, изјави дека победил во трката на локалните избори за скоро 28.000 гласови.
Неколку минути подоцна покраинскиот лидер на АКП во Истанбул објави дека кандидатот на неговата партија, Бинали Јилдирим, победил освојувајќи околу 4.000 гласови повеќе од својот противкандидат.
Денес, пак, Хуриет дејли њуз јавува дека опозицискиот кандидат Имамоглу води во најголемиот град на Турција, Истанбул, пред Ердогановиот кандидат Јилдирим.
Хуриет се повикува на изјавата на шефот на Високиот изборен одбор на Турција кој на новинарите им кажа дека Имамоглу води со речиси 30.000 гласови предност.
Шефот на Вискиот изборен одбор објави дека Имамоглу има 4.159.650 гласови, а Јилдирим има 4.131.761 глас.
Тоа е разлика од 27.889 гласови за опозицискиот лидер. Единственото нешто што не е објавено е колку гласови се преброени.