Регион 08. ноември 2018. / 14:17

ЕК ќе го финансира поврзувањето на гасоводните системи на Бугарија и Грција

ЕК ќе го финансира поврзувањето на гасоводните системи на Бугарија и Грција

Европската комисија соопшти дека го одобрила финансирањето на плановите за изградба на врска помеѓу гасоводните системи на Бугарија и Грција.

– Плановите за помош на Бугарија и Грција за изградба и функционирање на врската се во согласност со правилата на ЕУ за државна помош. Проектот ќе придонесе за безбедност и диверзификација на снабдувањето со енергија во ЕУ, без да се наруши конкуренцијата – се наведува во соопштението на ЕК.

Според еврокомесарот за конкуренција Маргарета Вестагер, ЕК ја одобрува помошта за Бугарија и Грција, бидејќи е ограничена на она што е неопходно за спроведување на проектот и затоа е во согласност со правилата за државна помош.

Со мерките одобрени денеска ќе биде поддржана изградбата и работата на 182-километарската меѓусистемска врска помеѓу Грција (Комотини) и Бугарија (Стара Загора).

Интерконекцијата предвидува пренос на три милијарди кубни метри природен гас годишно од Грција до Бугарија до 2021 година. Понатаму, капацитетите за пренос би можеле да се зголемат на пет милијарди кубни метри и да создадат услови за обратен пренос од Бугарија до Грција.