Заменик лидерот на бугарската владејачка партија ГЕРБ поднесе вчера оставка во парламентот поради скандалот со купување луксузни станови по поволни цени во кој оставки поднесоа уште тројца високи функционери.
Цветан Цветанов, лидерот на пратеничката група на десниот центар, кажа дека не направил ништо незаконско но дека сака да стави крај на шпекулациите дека можеби ја користел моќта за да влијае врз истрагата.
-Немам од што да се срамам- им кажа Цветанов на новинарите при враќањето од службено патување во Соединетите Американски Држави и по состанокот со премиерот Бојко Борисов. -Никогаш, во ниедни услови, не сум го прекршил законот-
Бугарската министерка за правда Цецка Цачева и двајца заменици министри веќе поднесоа оставки по извештајот дека од истиот инвеститор, компанијата Артекс, минатата година купиле големи станови во луксузен кварт во Софија по цена далеку под пазарната. Сите тие тврдат дека не го прекршиле законот.
Веста за купувањето на становите е објавена по истрагата на невладината Фондација за борба против корупцијата, бугарското дописништво на Радио слободна Европа и истражувачкиот сајт Бивол, а ја пренесоа речиси сите бугарски медиуми.
Во јануари 2017 пратениците на ГЕРБ во парламентот со усвојување низа амандмани на градежниот закон во Бугарија практично ѝ овозможиле на компанијата Артекс да изгради 34-катна деловно-станбена зграда во Софија. Луксузната градба, позната како „Златен век“, ќе биде една од највисоките во Бугарија.
Функционерите на ГЕРБ становите од Артекс ги купувале по цени кои се од 30 до 50 отсто помали од пазарната. Цветанов, на пример, новиот стан го добил по цена четири пати пониска од реалната.
Државната комисија за борба против корупцијата отвори истрага за купувањето станови и соопшти дека ќе ги истражи сите продажби на недвижности на тој инвеститор во последните 4 години.
Опозициските социјалисти, кои го бојкотираат парламентот од средината на февруари, ги повторија повиците за одржување вонредни избори обвинувајќи ја владата на Борисов дека не се бори против корупцијата на високо ниво.
Цветанов кажа дека ќе остане на функцијата заменик лидер на ГЕРБ и дека ќе биде задолжен за кампањата за изборите за Европскиот парламент на 26 мај.
Цветанов беше министер за внатрешни работи на Бугарија од 2009 до 2013 и важи за втор највлијателен политичар во Бугарија по Борисов.
И покрај ветувањата на владата дека ќе ја искорени корупцијата, Бугарија е најкорумпираната членка на ЕУ според процените на Транспаренси интернешнел. Досега ниеден висок функционер не завршил во затвор за корупција.
Аналитичарите сметаат дека корупцијата меѓу високите функционери е главната пречка за амбициите на Бугарија да привлече повеќе странски инвестиции и да влезе во Шенгенската зона на слободно патување.