Регион 20. јануари 2019. / 10:04

Дојде крајот на една ера протести во Србија против Александар Вучиќ

Дојде крајот на една ера протести во Србија против Александар Вучиќ

Во Белград и оваа сабота е одржан нов, седми голем масовен протест „Стоп на крвавите кошули“ за демократски слободи под слоганот „Еден од пет милиони -почнато е“.

Колоната од повеќе десетици илјади граѓани кои протестираа, која беше повторно долга над еден километар, се движеше по веќе познатата маршрута низ централните белградски улици, од Студентскиот плоштад, улиците Македонска и Таковска, булеварот на Кнез Милош до Плоштадот Славија.

На протестот по правило се обрати еден од организаторите, актерот Бранислав Трифуновиќ, како и актерот Никола Којо. Трифуновиќ овојпат испорача барања до српската опозиција.

-Ние сме тука осум недели, два месеца траат протестите против насилството кое го спроведува власта. Барањата веќе им ги испративме, а вечерва имаме барање за опозицијата. Неопходно е да се воспостават механизми, ваква власт никогаш повеќе да не се повтори- рече Трифуновиќ.

-Сакаме јасен план никогаш повторно да не дојде до ова сегашна состојба, сакаме нормални луѓе кои ќе го работат она за што ги плаќаме. Ова е нашата земја и доста е! Потрудете се да ја заслужите нашата доверба, беше клучната порака испратена до опозицијата пред почетокот на вечерната прошетка.

Актерот Никола Којо се обрати до граѓаните со пораката: „Александре Вучиќу, ова е крајот!“
-Овој народ тука и луѓето од Србија кои протестираа одлучија да ти кажат да си заминеш…
Ние те повикуваме да абдицираш, кралу-самокрунисан и ќе имаш олеснителна околност. Објасни им на своите поданици да го положат своето оружје и ништо нема да им се случи – освен лустрацијата, додаде Којо.

Пред зградата на РТС граѓаните повторно кратко се задржаа во знак на протест против информирањето на РТС, каде беше повторено барањето за оставка на директорот на РТС Драган Бујошевиќ, а протест имаше и пред ТВ Пинк.

Протестите во Белград се повеќе добиваат обележја на демократски и на граѓански протести и тие се непартиски, но на нив секогаш учествуваат претставници на речиси сите опозициски партии во Србија. На сите досегашни протести, според слободни проценки, имаше меѓу 25.000-35.000 граѓани.

Претходните шест саботи се одржаа протестни прошетки „Стоп на крвавите кошули” како одговор на нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ, во Крушевац, а слоганот „Еден од пет милиони” следуваше по коментарот на српскиот претседател Александар Вучиќ на првата протестна прошетка, кој рече дека нема да исполни ниедно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку долго и да траат протестите.

Граѓански протести вечерва се одржаа и во други градови во Србија, вчера во Нови Сад и во Ниш или, како што оцени еден од организаторите на протестите, актерот Бранислав Трифуновиќ, „граѓанските протести стануваат лавина која никој не може да ја запре, сега веќе во 15 градови, а има најава и за други, Србија се буди…“.

Избори, ако нема поважни државни интереси

Српскиот министер за надворешни работи и лидер на владината коалициска Социјалистичка партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ изјави вчера дека вонредни парламентарни избори во Србија ќе се одржат доколку нема позначајни државни интереси, како што се укинувањето на таксите и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Дачиќ со ова ја објасни вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „ако нема дијалог, не постојат пречки да се оди на избори“.

– Ако постојат државни интереси поважни од ова (изборите), тогаш овие избори нема да се одржат, тоа го кажува Вучиќ. Но ако нема укинување на такси, продолжување на дијалогот, тогаш се отвора простор за избори- изјави Дачиќ за РТС.

Тој додаде дека „Европската унија живее во утопија“ дека до средината на годината ќе се постигне договор меѓу Белград и Приштина.

Шефот на српската дипломатија толкувајќи ги разговорите меѓу Русија и ЕУ за косовското прашање истакна дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побарал одговор од претставничката на ЕУ Федерика Могерини за текот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а таа потврдила дека кога ќе се постигне договор, истиот ќе мора да го ратификува Советот на безбедност на ООН.

– Тоа е индикација дека Русија го следи она што се случува и сигурно нема да биде нем набљудувач, мислам дека тоа е добро за нас, нагласи Дачиќ, додавајќи дека „би било одлично Русија така да се однесуваше во 90-те години“.

Според него, доколку се постигне некаков договор, „тоа ќе се претвори во принципи што сите ќе ги прифатат и почитуваат, и тоа не може да биде поинаку“.

Дачиќ рече дека Путин на Србија и дал целосна поддршка во дијалогот со Приштина и дека немало ништо на затворените состаноци што не било кажано на отворените состаноци за време на посетата на Путин во Србија.

– Србија нема отворени прашања со Руската Федерација, нема непријатни состаноци … Путин уште еднаш потврди дека ќе го поддржи сето она што е добро за Србија, сé што Србија мисли дека е добро, но ќе остане цврсто во осудувањето на едностраните акти на Косово- изјави Дачиќ