Регион 07. март 2020. / 12:54

Договорот ЕУ-Турција е „мртов“ заради Анкара, изјави Мицотакис за СиЕнЕн

Договорот ЕУ-Турција е „мртов“ заради Анкара, изјави Мицотакис за СиЕнЕн

Договорот помеѓу Турција и Европската Унија е мртов, бидејќи Турција реши целосно да го прекрши, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за Си-ен-ен“.

Тој објаснува дека официјална Анкара го прави токму спротивното од она што е предвидено во договорот со ЕУ од 2016 година, пренесува грчкиот весник Екатимерини.

– Да бидеме искрени, во овој момент, Договорот е мртов и е мртов бидејќи Турција реши целосно да го прекрши Договорот, поради она што се случи во Сирија. Турција има обврска да ги спречи луѓето да стигнуваат на крајбрежјето, има обврска да прави сѐ што може за да ги ограничи криумчарите и да им забрани на луѓето, нелегално да ги преминуваат границите со Грција. Ова е точно она што го предвидува договорот. А Турција го прави токму спротивното. Систематски им помагаат, како на копно така и на море, на напорите на луѓето да преминат во Грција, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер наведе и дека Турција не може да ја уценува Европа, а „Ердоган треба да го сфати тоа и да престане да шири лажни вести“.

Во однос на ситуацијата на грчко-турската граница кај Еврос, Мицотакис коментира дека тоа е „свесен обид на Турција да ги користи бегалците и мигрантите како геополитички пиони“ и станува збор за „континуирана и систематска провокација што нема никаква врска со страдањата на овие луѓе“.