Регион 03. октомври 2019. / 15:20

Дендиас: Грција ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија

Дендиас: Грција ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, одговарајќи на прашањето на претседателот на Грчко решение, Кирјакос Велопулос, рече дека Грција ја поддржува европската перспектива на Република Северна Македонија, согласно условите од ЕУ, а неопходно е и целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа.

-Нашата земја ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, согласно со поставената условеност од ЕУ. Во овој контекст, неопходно е целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа – вели Дендиас.

Тој додава дека почитувањето на она што е предвидено во Договорот од Преспа „е неопходна алатка за да бараме Република Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски што произлегуваат од овој Договор“.

Во пратеничкото прашање, Кирјакос Велопулос пишува дека во организација на „Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик Крсте Мисирков” ќе се воведе пилот програма за изучување македонскиот јазик преку интернет платформа со седиште во Аридеа, еднаш седмично, во периодот од средината на октомври 2019 до јуни 2020 и го прашува шефот на грчката дипломатија дали ова „претставува прекршување на националните суверени права на Грција, бидејќи содржи елементи на иредентизам”.

-Во однос на јазикот на северниот сосед, Договорот од Преспа забележува дека припаѓа на групата јужнословенски јазици и нема никаква врска со грчката Македонија и грчкото наследство од антиката до денес. Овие работи се однесуваат на соседната земја и нејзините граѓани. Околу тоа кои јазици се изучуваат во нашата земја е прашање регулирано со грчките закони. Во случај приватно здружение да се обиде да го предава горенаведениот јазик, ова тело, како и секое друго, треба целосно да ги почитува одредбите предвидени со важечкиот закон – одговари шефот на грчката дипломатија, пренесе МИА.

На прашањето на Велопулос дали министерот за надворешни работи смета дека „горенаведеното е прв чекор за зацврстување на обидите за признавање на наводно македонско малцинство во Грција”, Дендиас кусо одговopи дека „како што е познато, во Грција не постои „македонско малцинство“.