Турција го суспендираше договорот со Грција со кој на Атина и дозволува да ги врати мигрантите во таа земја, поради грчката одлука да ги пушти од притвор турските офицери.
Според наводите на агенцијата „Доган“, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу изјавил дека суспензијата на договорот за реадмисија е одговор на ослободувањето во Грција на турските офицери кои пребегнале после обидот за државен удар во Турција во 2016 година. Турција бара нивна екстрадиција.
„Неприфатливо е тоа што го направи Грција. Имаме билатерален договор со Грција за реадмисија. Сега ја откажавме примената на тој договор“ – изјави Чавушоглу.
Тој навел дека договорот меѓу Турција и Европската унија за бегалците и натаму останува на сила.