Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов свика вонредна средба за преземање на мерки за превенција, спротиствавување и лекување од корона вирусот. Тој истакна дека мерките треба да се затегнат, но тоа да не влијае на влошување на дипломатските односи со Кина.
Борисов нареди на аеродромите веднаш да се постават термокамери, како и внимателно да се следат кинеските државјани кои биле во својата земја за Нова година и сега се враќаат во Бугарија.
– Ризиците се огромни. Не можеме да му забраниме на никој да оди таму, но во наредните неколку недели, и додека не најдат вакцина за овој вирус, мора да има највисоко ниво на контролни мерки, рече Борисов.
Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева предложи воведување на четврт степен на опасност, што значи силна препорака, забранувајќи им на бугарските граѓани да патуваат во Кина.
Освен Захариева на вонредната средба на Министерскиот совет присуствуваа и министерот за здравство Кирил Ананиев и министерот за внатрешни работи Младен Маринов.
Во текот на денешниот ден во Бугарија се очекува да пристигнат евакуираните бугарски државјани, кои беа блокирани во кинескиот град Вухан. Тие веднаш ќе бидат пренесени во Военомедицинската академија, каде ќе останат под медицински надзор.
Досега бројот на починати од коронавирусот достигна 259 луѓе, а речиси 12.000 лица се заразени низ светот.