Регион 15. октомври 2019. / 21:45

Аврамопулос: Турската инвазија во Сирија е опасност за мигрантското прашање

Аврамопулос: Турската инвазија во Сирија е опасност за мигрантското прашање

Комесарот за миграциска политика на ЕУ, Димитрис Аврамопулос, изјави дека турската воена акција во Сирија претставува опасност илјадници бегалци да сакаат да ја поминат границата со Турција и да тргнат кон Европа. Како што истакна Аврамопулос, во таков случај првата жртва ќе биде Грција.

Во својот говор на заедничката седница на комисиите за внатрешни работи, цивилна заштита и правда во грчкиот Парламент, Аврамопулос се осврна на актуелната ситуација со бегалците и мигрантите, за Договорот ЕУ-Турција, како и за состојбата во Грција и за, како што рече, недостатоците во државниот механизам.

– Притисокот што во овој момент се врши врз населението на границата меѓу Турција и Сирија може да принуди илјадници Сиријци или и други кои живеат во тој дел да сакаат да ја поминат границата со Турција. Во тој случај Грција би била првата жртва бидејќи прифатните центри односно т.н. „hot spots“ може да одговорат на притисоците, но не и на толку големи бројки со што тоа би било катастрофално за Грција и за Европа. Оние што се веќе депортирани се околу 1.300, а во овој момент требаше да се вратени 35 илјади. Што значи ова со бројки? Дека никој не требаше да биде на островите, истакна Аврампопулос и објасни дека ова се должи на недостатоци во државниот механизам, а како пример спомена дека во други земји прифатните центри се граделе за 15 дена, а на Грција и требало една година.

За Договорот ЕУ-Турција рече дека ако тој пропадне тогаш ситуацијата ќе биде многу тешка и за Грција и за Европа.