Здружението на преведувачи и толкувачи во својата Декларација потсетува дека секој јазик, како и македонскиот е дел од културниот и националниот идентитет на еден народ. Оттаму велат, не смее да се посегне да го менува и прилагодува според своите потреби и барања, или поради добивање на политички поени, демонтрирање на моќ или сила.
Од ЗПРМ укажуваат на Универзалната декларација за човекови права која во чл. 19 пропишува слобода на мислење и изразување на секој човек, додека пак резолуцијата на Обединетите нации вели дека сите земји членки, меѓу кои е и Бугарија, треба да ги чуваат и штитат своите јазици што ги говорат народите во светот.
– ЗПРМ остро се спротиставува на секаков вид негирање на македонскиот јазик од страна на официјални лица од Република Бугарија кои деновиве излегуваат со ставови спротивни на меѓународните конвенции и документи коишто се однесуваат на заштитата и негувањето на јазиците. Исто така, ЗПРМ ги отфрла сите произволно изнесени и научно непоткрепени ставови кои немаат ништо заедничко со лингвистиката, славистиката и историјата, се вели во Декларацијата.
Македонскиот јазик има долга книжевна традиција која му претходи на датумот на неговото нормирање: почнувајќи од „Тријазичникот“ на Пулевски во 18. век, па „Абецедарот“ издаден од грчките власти во 1925 г. како и учебниците по македонски јазик издадени во Бугарија во доцните 40-ти години на минатиот век, кога почнува наставата на мајчин македонски јазик и според тогашниот попис, 63,7% од населението во Пиринска Македонија се изјаснуваат како Македонци“, велат од Здружението.
Оттаму додаваат дека за преведувачите и толкувачите, македонскиот јазик не е само алатка со којашто работат, туку дел од битието, традицијата, идентитетот, длабоко вкоренети во делата на Миладиновци, Иљоски, Рацин, на Андреевски, Јаневски, Конески.
– Јазикот на кој зборуваме, комуницираме, твориме, јазикот на кој и од кој преведуваме и толкуваме, на кој пишуваме и раскажуваме. Македонскиот јазик е жив јазик кој се изучува и говори на сите нивоа на образование, кој се користи во истражувачката и научната област, и во нашата земја и во сите земји каде што живее македонско малцинство, како и на бројни катедри во светот каде што се изучува македонистиката. Македонскиот јазик е јазикот на кој се преведени илјадници светски дела, препеани илјадници страници поезија, а од неодамна, и јазикот кој се појавува како засебен, работен јазик и во многу меѓународни институции, велат од ЗПРМ.
Здружението впрочем и ги повика сите државни институции, останати професионални здруженија, истомисленици, пријатели на нашата земја и јазикот, да заземат став и да се огласам против ова кое Бугарија го прави, а не смее да се случува.