Македонија 07. февруари 2020. / 10:47

Зошто за обвинителството е поважно кој ја пуштил снимката за „Поткуп“ од ослободителната пресуда за Заев?

Зошто за обвинителството е поважно кој ја пуштил снимката за „Поткуп“ од ослободителната пресуда за Заев?

Обвинителството денеска, според најавите, треба да излезе со повеќе детали за вчерашниот распит на четворица припадници на МВР. Неофицијално, полицајците биле повикани да дадат исказ под сомнение дека одавале тајни податоци, прибавени од посебни истражни мерки, а во врска со случајот „Поткуп“.

Распитот на четворицата припадници на МВР веднаш беше искористена за ситна дневно-политичка пресметка во која на удар се најде техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Импутацијата беше дека тие припаѓале на неговиот тим, што тој веднаш го негираше.

-Станува збор за преземање службени дејства по наредба на судија за претходна постапка за лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и истите се распоредени на соодветни работни места со решенија од претходните министри и никако не се поврзани со мојот тим или пак мојот кабинет. Лицата немаат добиено какви било решенија од моја страна, напиша Чулев на својот Фејсбук профил.

Целата снимка за случајот „Поткуп“ беше обелоденета на 15 јануари од страна на новинарот Зоран Божиновски.

И до сега обвинителството не презема никакви чекори, па оттука и прашањето зошто му е поважно да открие кој допринел снимката да протече во јавноста отколку самата содржина? Зашто, ако внимателно се слуша, може да се дојде до заклучок дека исклучувањето на јавноста од судницата не било ни малку наивно, ни случајно. Ова оттаму што Зоран Заев беше ослободен од обвинението за поткуп иако на снимката нема никакви олеснителни околности врз основа на кои таа може да се оправда.

Зошто обвинителството не се позанимава со обвинителот, кој бил надлежен за случајот „Поткуп“, но и со судијата, кој донел ослободителна пресуда? Дали со ваквата постапка тоа само ја потврдува автентичноста на снимката?

До ден денес Зоран Заев ниту ја потврди, ниту ја демантира снимката, ниту, пак, се изјасни околу тоа дали таа била сечене, лепена, монтирана…

Во текот на судскиот процес Заев во една прилика изјави дека целта на снимката била за него да се создаде грда слика во јавноста.