Главниот и одговорен уредник на „Економски Лидер“ Љупчо Златев, денеска во полиција пријави загрозување на неговата безбедност и безбедноста на неговото семејство, откако на Фејсбук страница беше јавно објавена неговата домашна адреса.
– Денеска во полициската станица „Беко” по членот 144 од кз. пријавив случај за загрозување на мојата безбедност и безбедноста на моето семејство. – напиша уредникот на Фејсбук.
Златев додава дека по вчерашната конференција на премиерот Зоран Заев, на која постави неколку прашања, доби безбедносни закани, откако на Фејсбук страницата „Криминалите на ВМРО ДПМНЕ” , беше објавена лажна информација за него и јавно беше прикажана неговата адреса на живеење.
Според сознанијата на уредникот, оваа страница, е водена од центарот за комуникации на СДСМ.
– Имено, по вчерашната прес конференција на премиерот Зоран Заев, на која поставив неколку прашања кои на вождот му се видоа тешки за одговарање, добив класична закана по безбедноста на моето семејство.
Фејсбук страницата, насловена „Криминалите на ВМРО ДПМНЕ” (која според моите сознанија е водена од центарот за комуникации на владејачката СДСМ) објави лажни информации дека сум основал и водел некаква НВО организација која се викала „Проек-ЕУ” и истата злопотебила пари од ЕУ за што сум имал кривична пријава. Да биде гадоста уште поголема, на оваа фејсбук страница, контролирана од власта, ја откриваат и домашната адреса, на која живее моето семејство во Кавадарци. – напиша Златев.
Точноста на адресата ја потврди Златев, но реагира дека никогаш немал поврзаност со невладината организација „Проект ЕУ“.
– Од напишаното од оваа страница на СДСМ, точна е само адресата. Вистината е дека освен моето семејство на „Младост 34″ Кавадарци, нема ништо друго и никогаш таму не била регистрирана никаква НВО организација.
Во исто време, никогаш сум немал никаква врска со споменатата невладина „Пеоект ЕУ”, ниту пак, некогаш сум ја основал или пак сум бил дел од нејзините раководни структури. Да биде иронијата поголема, за злоупотребите од оваа невладина сум правел прилози лично јас како новинар на ТВ Сител. – потенцира Златев.
По објавуањето на адресата, Златев, од лажни профили на Фејсбук добивал закани по неговиот живот со содржина „Гомно српско, ги живееш последните моменти од твојот живот”.
– По ова објавување на мојата адреса и повикувањето на насилство кон моето семејство, од профили кои се лажни и немаат име, заведени се како “Facebook User”, пристигнаа закани кон мојот живот со содржина „Гомно српско, ги живееш последните моменти од твојот живот”. – стои во постот.
Златев бара МВР да открие кој стои позади оваа објава. Тој доби повик од „насилен криминал” од инспектор од станицата во Пролече, па ќе подготви нов записник за случајот.
– По поднесената пријава до МВР, барам од министерството да ми открие кој стои позади страницата „Криминалите на ВМРО ДПМНЕ” која има преку 51.000 лајкови и која објавувајќи моја адреса и клеветејќи, ја загрозува безбедноста на моето семејство.
По пријавата, штотуку добив повик од „насилен криминал” од инспектор од станицата во Пролече, па за еден час и таму ќе подготвиме нов записник за случајот. – пишува Златев и се надева дека министерот Оливер Спасовски ќе има храброст да открие кој стои позади заканите и да поведе постапка.