Серијата земјотреси кои минатата недела беа регистрирани на мавровското подрачје засега не предизвикале оштетувања на објектите и структурата на најзначајниот хидро-енергетски систем во Македонија ХЕС Маврово. Наскоро се очекува и двете најголеми хидроцентрали Вруток и Равен да почнат со производство на струја.
Од АД Електрани на с. Македонија (ЕСМ) информираа дека непосредно по првиот потрес, биле преземени активности за да се утврди состојбата на системот, евентуалните штети и преземање мерки. Изминативе денови специјализирани екипи вршат проверки на каналската мрежа, хидроцентралите и браните. Првичната оценка е дека нема деформации, ниту позначајни оштетувања. Двата значајни објекта, браните кај селото Леуново и Маврово Анови се во стабилна состојба.
– До денес нема регистрирано појава на оштетувања во нашиот систем, иако прегледите сè уште траат. Во прегледите, покрај нашите инженери, кои се овластени за оскултација, пратење на хидротехничките објекти во ЕСМ, вклучени се и професори и надворешни стручни лица, наведуваат за МИА од кабинетот на генерален директор АД Електрани на с. Македонија.
Најголемиот хидроенергетски систем во Македонија опфаќа три хидроцентрали (Равен, Вруток и Врбен) акумулацијата Мавровско Езеро, канали и цевководи долги над 130 километри и близу 170 километри пристапни патишта за одржување на системот. ХЕС Маврово е еден од позначајните производители на струја со производство кое на годишно ниво надминува 430 GWh електрична енергија.
Земјотресите не влијаеле во производството на електрична енергија, со оглед дека во овој период на неповолна хидролошка состојба и редовните ремонтни зафати системот не е во функција. Застојот во работењето на две хидроцентрали што во извесна мера спречил испаѓање од системот и штети. Повторно вклучување во режим на производство се планира за идната недела.
– ХЕ Вруток и ХЕ Равен се во тотален застој од 25 септември, додека ХЕ Врбен е во погон од 11 октомври. Откако ќе завршат редовните ремонтни активности, планирано е да влеземе во систем за производство од 26. ноември, нагласуваат од ЕСМ.
На 11 ноември од рано утрото, серија земјотреси ги вознемирија жителите на Македонија, а тресењето на тлото беше почувствувано и во соседна Албанија, Косово, Србија и Црна Гора. Дента, беа регистрирани најмалку 7 земјотреси со јачина од 2,7 до 5 степени по Рихтеровата скала. Епицентрите беа атарот на селото Леуново, во мавровскиот регион на 15-тина километри од Гостивар.
Во вториот по јачина земјотрес, кој околу 15:25 часот што го погоди западниот дел на државата, имаше одрон од камења го блокираше патот кој го поврзува Дебар со Маврово. Во Маврово, пак, земјотресите оштетија постари куќи и предизвикаа заматување на водата во локалните водоводи. Од извештаите на локалните власти не се наведени посериозни штети и урнати објекти, а не се пријавени ниту повредени.