Македонија 28. јуни 2020. / 15:29

Зеколи: Пендаровски да свика Совет за безбедност поради врските на Заев со руски политичко-бизнис структури

Зеколи: Пендаровски да свика Совет за безбедност поради врските на Заев со руски политичко-бизнис структури

Скандалот со поврзаноста на највисоки Владини раководители со крајно сомнителни олигарси од Црна Гора / Србија познати по блиски односи со Руската Федерација ја враќа земјата во периодот на пред-Кумановските настани од 2015, пишува аналитичарот, Арсим Зеколи.

Тој вели дека ова е последен пример во кој се преплетува потфрлањето на безбедносните агенции, олигархијата, владините претставници и подземјето.

„Озбилноста на овој нов момент е дополнително подвлечен со идентичниот пристап од страна на повиканите и надлежните – со гласност на опозицијата и застрашувачки молк на игнорирање од надлежните владини структути. По ист терк како со Куманово, така и денес. Едноставно незамисливо е дека часови по објавувањето на снимката, ниту Владата, ниту МВР, ниту МО, ниту надлежните агенции не излегоа со барем реченица реакција дека “се превземаат соодветни мерки”.

Нивниот молк, кој означува дека се фатени во мошне непријатна и потенциално фатална компромитација, ми дава за право да му укажам на Стево Пендаровски дека ваквите настани бараат конретна и решителна акција од негова страна. Со што зборовите за “потенциални закани” (кои ги користи во неговите истапи) ќе ги поткрепи со дела. Што подразбира свикување итен состанок на Советот за Безбедност (со исклучување од нив на Заев, Мицкоски, Рашкоски) и барање детален извештај за тоа како е воспоставена соработка, стапено во контакт, како Дака бил примен кај Премиерот, кој се последиците на таквата соработка по безбедносниот кредибилитет на земјата кај нашите партнери и какви се понатамошните реперкусии по нас.

Посебно внимание треба да се посвети на два фактора – потфрлањето на Безбедносните Агенции под негова капа и објаснување за тоа кој и зошто инсистира да еден лик како Рашковски е сеуште во самиот врв на Владата, и покрај редица ужасно скандалозни компромитации од безбедносен , политички и цивилизацијски карактер.

Непосредно пред Референдумот, во еден напис укажав дека вмешателствата на источните фактори нема да се случат за време или после Референдумот, туку подоцна, при изборите. Останувам на тој став. За разлика од Зоран Заев, кој сноси одговорност за овој скандал, Пендаровски, од она што досега е објавено, не може да се смета автоматски како одговорен за истиот. Но, доколку не реагира навреме и со тоа превенира можни ззадкулисни безбедносни сценарија, тој нема да се соочува со прашање на неговата одговорност туку со оптужби за вина и соучесништво поради невршење на неговите уставно зацртани обрски“ – пишува Зеколи.