Одлучив да се повлечам од функцијата заменик министер за здравство за да ја расчистам оваа дамка и фингирана стапица против мене, изјави денеска Асим Муса на прес-конференција во Владата.
Средбата со новинарите уследи откако во медиумите беше објавена видео снимка која го документира заменик министерот фатен во нов корупциски скандал. Според снимката, Муса прима 50 евра мито за да изврши операција врз Албанец во клиниката во Струга.
Снимката е направена од екипа на албанската телевизија Топ Чанел ИН7, а објавена во популарната емисија „Фикс Фате“. Имено, новинар од телевизија се претставува како пациент и се договара со Муса, кој наводно бара мито од 1000 евра.
Според Муса, во разговорот со гостите од Тирана тој укажува дека согласно македонското законодавство, здравствените услуги треба да се платат и проценува дека износот на цената може да биде голем, околу 1.000 евра. Но, тој ниту бара, ниту зема мито, што може, како што изјави, да се види и на видеото.