Македонија 16. May 2019. / 15:52

Законот за Пајо не важи: ОЈО смета дека нелегално купување дрога не е кривично дело

Законот за Пајо не важи: ОЈО смета дека нелегално купување дрога не е кривично дело

Пратеникот од шарената револуција Павле Богоевски – Пајо денеска бил во скопското Јавно обвинителство да се пријави откако призна дека набавувал, наводно, масло од канабис за негов близок пријател. Според извори на „Фокус“ во скопското Обвинителство одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот.

Со ваквата постапка Обвинителството покажува дека законот сепак не важи за Пајо. Иако тој ја потврди автентичноста на снимката и кажа дека набавувал наводно масло од канабис, иако целата јавност се соменева дека станува збор за кокаин, Обвинителство одлучило да не му земе исказ. Но без разлика дали стануав збор за марихуана или кокаин, сепак очигледно кривично дело е сторено, кое и сторителот го призна. Богоевски истакна дека набавувал на нелегален начин масло од канабис, што е казниво со закон.

За потсетување, активистката Моника Ристеска е во притвор, и тоа не прв пат, поради користење на марихуана.

Инаку, снимката се појави од профил со псевдоним „Илија Громовник“, а во која се слуша гласот на пратеникот. По неа Богоевски на фејсбук напиша дека не нарачува кокаин во објавената снимка, туку масло од канабис, а потоа беше и во полициска станица.

– За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис ѝ помогна таму каде другите лекови не можеа да ѝ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам сè додека е потребно. – напиша Богоевски на Фејсбук.

Со оваа изјава Богоевски не само што признава кривично дело, туку и тврди дека ќе продолжи да го прави истото.

Адвокатот Александар Тортевски вчера на Твитер појасни дека без разлика дали станува збор за марихуана или кокаин, пратеникот Павле Богоевски направи кривично дело за кое е пропишана казна затвор од минимум една година.

Тој повика да се почитуваат законите, а прво нешто Павле да поднесе оставка.

– 0,5 или 4,9 гр.марихуана или кокаин, е исто. Најмалку една година затвор. Законите мора да се почитуваат додека важат. Во спротивно некој ќе ве убие и ќе каже дека ве еутаназирал бидејќи многу сте биле болни и нејќел да се мачите. Така што Пајо, ОСТАВКА ВЕДНАШ А ДРУГОТО ВО ОЈО. – напиша Тортевски на Твитер.

Инаку според неофицијални информации на Фокус, наводно, Обвинителство не може да покрене постапка во случајот со Богоевски бидејќи нема докази кои би докажале дека пратеникот на СДСМ навистина набавувал марихуана. Содржината на снимката не би можела да се употреби како доказ, бидејќи не упатува на ништо. Единствено неговото признание може да се употреби како иницијална каписла, но во тој случај ќе мора да се обезбедат други докази. Со тоа што недостасува самата марихуана, која е corpus delikti во случајов, недостасува и клучниот доказ против Богоевски. Corpus delikti е термин што се користи во правото, а кој се однесува на принципот дека лице може да биде осудено само ако се докаже извршувањето на кривично дело. Од ова произлегува дека осомниченото лице не може да се осуди само врз основа на сведочење.

Од скопското Јавно обвинителство, пак, велат дека се уште е рано да се каже дали и против кого ќе има постапка и дека допрва треба да бидат проверени наодите.

– Во поглед на содржината на снимката, тука пратеникот даде свои наводи во поглед на снимката и содржината. Обвинителството постапува согласно своите овластувања и ќе направи проверки во поглед на самата содржина на снимаката и дали може да се обезбедат релевантни докази кои би упатиле на кривичното дело – вели за „Фокус“ шефот на скопското Јавно обвинителство, Сашо Рајчев.

Дополнително, додава тој, ќе се истражува и неовластеното снимање, откако Богоевски рече дека снимката како разговара на телефон ја направил таксист додека се возел во такси.

– Предметот е во фаза на предистражна постапка. По напатствија на обвинител се прават проверки преку МВР за утврдување на идентитетот на сопственикот на профилот на кој се објавени снимките и на руската социјална мрежа. Тоа треба да се направи од страна на МВР, како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторител на кривични дела. – додава Рајчев.