Македонија 21. јули 2019. / 20:07

Законот за новото обвинителство во вторник пред пратениците

Законот за новото обвинителство во вторник пред пратениците

Во вторник пратениците ќе дебатираат по новиот закон за Специјалното јавно обвинителство со кој оваа институција станува Обвинителство за организиран криминал и виска корупција.

Владата во вторник законот ќе го прати во Собрание. Очекуваме своите ставови пратениците да ги кажат во Собрание, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани. Градењето 2/3 мнозинство ќе биде во Собранието, велат од Министерство за правда за Телма.

Од правда се зачудени што опозицјата не прифаќа досегашната шефица на организиран криминал Рускоска да биде на чело на новото обвинителство.

– Очекуваме поддршка од сите, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе до Министерството амандмани на претходниот текст на законот, со амандманите предложи СЈО да биде дел од ЈО за организиран криминал, а не предлагаше никакви кадровски промени во обвинителството за организиран криминал, што практично значи дека во новиот текст на законот е прифатен нивниот предлог Јавното обвинителство на чело со Рускоска да ги води случаите на СЈО. Сега зачудува измената на нивниот став по ова прашање. – велат од Министерство за правда.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицковски со порака до премиерот Заев дека без главната опозициска парламентарна партија не може да се носи крупен закон, како овој и потсетува дека и актуелното СЈО беше изгласано со консензус на сите партии.

– Се лаже ако мисли дека повторно со притисоци и закани може да собира гласови на пратеници, зашто веќе земјава му го изгуби стравот на Заев, а неговите денови во политиката се броени. – вели Мицковски во во интервју за Република. Меѓу другото посочува дека со владиниот предлог едно урнисано СЈО се заменува со друго, а за тоа кој ке го предводи новото обвинителство Мицковски вели дека премиерот сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска.

Опозицијата се уште официјално не ги соопштила забелешките на законот.