Македонија 15. декември 2020. / 13:20

Захариева: Тито за Македонија е исто што и Хитлер за Германија

Захариева: Тито за Македонија е исто што и Хитлер за Германија

Во интервју за „Велт“, таа негира дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и ги толкува ваквите обвинувања како обид „да се портретира Бугарија како земја која остана во не знам кој век“.

-Северна Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата, лаже дека Бугарија ѝ го негира идентитетот и јазикот, и го слави „мрачниот“ диктатор Тито, обвинува бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германскиот весник „Велт“, пренесува „Дојче веле“.

Таа во интервјуто го споредува Јосип Броз Тито со Адолф Хитлер. Зборувајќи дека во периодот од 1 септември до 20 ноември биле избројани 13 699 негативни објави за Бугарија, таа ја прави оваа споредба, велејќи дека тоа што Петре Шилегов го слави Тито е исто како и градоначалникот на Берлин да го слави Хитлер.

-Тоа покажува недостаток на плурализам. Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер, вели Захариева.

Таа негира дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и ги толкува ваквите обвинувања како обид „да се портретира Бугарија како земја која остана во не знам кој век“.

Целото интервју можете да го прочитате на Дојче Веле.