Зошто под квалификативот „еден суетен новинар” се препознал новинарот Бранко Героски тоа треба него да го прашате, вели во денешното интервју за МИА премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашањето дека иако ѝ се извинил на ЛГБТ заедницата, „медиумските организации го дефинираа ова како закана, атак врз слободата на новинарството и суетност на власта која треба да знае да трпи критика“.
Медиумските организации и новинарскиот еснаф се целосно вклучени во сите медиумски реформи кои беа обезбедени за демократизација и професионализација на медиумската сфера до сега, а нивната улога во реформите останува клучна и во периодот којшто следува, вели премиерот Заев и додава дека за подигнувањето на степенот на слобода и на условите за професионално и демократско работење на медиумите и новинарите говорат бројките и индикаторите на меѓународните организации кои се бават со слобода на изразување, како што е Репортери без граници.
–Во исто време, моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите – рече Заев.
Тој појасни дека ако од некого бил погрешно разбран или протолкуван, дека навистина му е жал и затоа го дава ова појаснување.
–А, зошто под квалификативот „еден суетен новинар” се препознал новинарот Бранко Геровски тоа треба него да го прашате – вели Заев.