Македонија 11. јули 2019. / 13:51

Заев за Сребреница: Тоа е пораз за цивилизациските вредности и лекција што мора да ја научиме

Заев за Сребреница: Тоа е пораз за цивилизациските вредности и лекција што мора да ја научиме

На денешен ден пред 24 години, во Сребреница се случи масакр на над 8.000 лица на бошњачкиот народ. Премиерот Заев упати порака со сочуство на семејствата на настраданите во тој злостор.

Премиерот Заев укажа дека иако поминале 24 години од страшното злосторство против човештвото, кога во периодот од 11 до 23 јули во Сребреница, и во нејзината околина, беа убиени повеќе од 8000 припадници на бошњачкиот народ, но болката и сеќавањето остануваат.

Тоа што се случи во Сребреница е еден од најголемите порази на цивилизациските вредности и лекција што мораме да ја научиме, еднаш засекогаш – посочи Зоран Заев.

Во името на граѓаните на Република Северна Македонија, додава Заев го изразуваме нашето најдлабоко сочувство и солидарност кон семејствата на сите настрадани во Сребреница, но и за сите жртви коишто залудно го загубија својот живот во војната во Босна и Херцеговина.

Премиерот наведе дека како дел од семејството европски народи, ги делиме одлуките од Резолуцијата на Европскиот Парламент од 15 јануари 2009 година со која „11 јули се прогласува за Ден за комеморација и најсилно се осудува геноцидот во Сребреница со апел дека таквите ужасни злосторства никогаш повеќе не смеат да се повторат.

Злосторството против човештвото врз цивилното население во Сребреница засекогаш ќе остане потсетник за ужасите на војната и на екстремните форми на национализам – истакна Заев.