Премиерот Зоран Заев потврди дека дел од објавените разговори во изминативе денови што ги слушнал се дел од пакетот материјали што ги предал во СЈО и оти е важно што МВР и Обвинителството постапуваат по нив во согласност со своите надлежности.
Од министерот за внатрешни работи сум информиран дека тие ги преземаат сите дејствија и мерки во согласност со законот. Тие постапуваат, очекувам одлуки од Јавното обвинителство. Знам дека пред недела, две, исто така, имаше емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО, што секако само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што на времето се правело како неовластено прислушување, и го имало на други страни. Но, добро е што има закони и се надевам дека институциите на системот ќе постапуваат строго по законите, рече Заев на новинарско прашање дали тие шест разговори се дел од бомбите што тој ги добил, дали МВР спроведува истрага, кој ги пуштил и каде, колку такви снимени разговори некој поседува и дали може да бидат злоупотребени.
И од МВР потврдија дека Специјалното и редовното Јавно обвинителство отвораат истраги за новите „бомби“, кои одекнаа на руската социјална мрежа „vk.coм“.
– Согласно со надлежностите започната е истрага во врска со објавените телефонски разговори. За текот на истрагата јавноста дополнително ќе биде информирана, соопштија од министерството.
Зад објавата потпишан е извесен „Илија Громовник“, а разговорите се постирани на мрежата „vk.com“ и на „Youtube“.
Од СЈО велат дека разговорите не протекле од нивната институција и ќе проверат дали овие бомби ги имаат во нивните материјали.