Секое доведување на македонскиот идентитет во прашање е „црвена линија“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Франс Прес во кое исто така истакнува дека ветото од Бугарија било непријатно изненадување, пишува Канал5.
Бугарската блокада за влез на Македонија во ЕУ е спротивна на вредностите на Унијата и предизвика многу горчина кај нас, вели во интервју за Франс прес премиерот Зоран Заев. Потегот на официјална Софија да го блокира усвојувањето на преговарачката рамка која води кон одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел, според Заев претставува непријатно изненадување, а секое прашање поврзано со македонскиот идентитет е црвена линија.
–Тоа е прашање на самоопределување, што е во срцето на европскиот проект. Постои апсурдност во целиот проблем.
Отворените историски прашања, Заев верува дека треба да се остават во надлежност на историчарите нотирајќи дека е постигнат напредок за одредени теми. Потсетувајќи дека земјава веќе се соочила со блокада на евроинтеграциите од грчка страна како последица на што е постигнат како што вели тешкиот договор со Атина во 2018 година, Заев додава:
–Покажавме колку веруваме во европските вредности. И сега, кога Европа требаше да ги покаже своите европски вредности – тие не го направија тоа.
Во меѓувреме продолжуваат дебатите и во бугарската јавност околу позициите на тамошната влада и како на нив гледа Европа. Заменик – директорката на Европскиот совет за надворешна политика Весела Чернева во интервју за БТВ, вели дека Бугарија ги загубила симпатиите во очите на регионот со ветото на Македонија.
–Можеме да ги погледнеме западните медиуми и општото мислење во Европа, не е точно дека не не разбираат, во многу случаи се однесуваат навистина со разочарување дури и со потсмев. И во моментов ние изгледаме како држава која ги загуби симпатиите на соседите, тука станува збор не само за С. Македонија, туку на целиот Балкан. Не посочија со прст затоа што го спречивме проширувањето. Ние не само што ја спречивме С. Македонија, треба да сме на чисто дека во моментов ние ставивме рампа на целиот процес. Тој процес не може да продолжи без да го отстрани своето вето и тоа треба да е јасно.
Чернева повторувајќи ги барањата на Бугарија, е оптимист дека власта ќе се врати како што вели на здравиот разум. Во меѓувреме продолжуваат полемиките и на домашен терен.
Уште една шанса до крај на годинава Македонија да ги започне преговорите за членство ЕУ има на 8 декември, за кога е закажан Советот за општи работи но се уште е неизвесно дали преговарачката рамка за земјава ќе се најде на агендата.