Македонија 26. октомври 2019. / 12:22

Заев за „Данас“: Макрон знае дека за Балканот ЕУ нема алтернатва

Заев за „Данас“: Макрон знае дека за Балканот ЕУ нема алтернатва

Во интервју за саботното издание на српскиот дневен весник „Данас“ со наслов „Макрон знае дека за Балканот ЕУ нема алтернатва“, преиерот Зоран Заев оценува дека Македонија има многу постигнато и дека нема да дозволи да се вратиме на старо.

– Дел од највисокото раководство на нашите политички противници, за жал, до денес се нема оградено од стариот режим. Напротив, го бранат тој режим, криминалот и корупцијата кои државата ја доведоа до дно, додека животот постоеше само за една фамилија – оценува Заев во интрервјуто објавено на насловната страница на белградскиот весник „Данас“.

Заев вели дека не ја загубил надежта во ЕУ по повторното одложување да се одреди датум за почеток на преговорите со Македонија.

– Верувам дека ЕУ денес повеќе од кога и да е, е свесна дека затворањето на вратата не би му направило добро на никој. Од продолжувањето на политиката за проширување, сите имаат корист. Од евентуалното затворање на вратата сите губат – нагласува Заев.

Македонскиот премиер се надева дека ќе има шанса лично да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и верува оти Макрон знае дека за земјите од Западен Балкан ЕУ нема алтернатива.

– Ниту едно партнерство не може да биде замена за европските интеграции. Мислам дека тоа не е одржлив однос и не би ги донел посакуваните резултати за никого, вклучително и на Европа – вели Заев.

Тој не очекува застој на патот кон членството на Македонија во НАТО.

– Остануваат уште три држави да го ратификуваат Протоколот. Се работи за одлуки на државните парламенти и технички процедури – посочува Заев.

Во интревјуто за „Данас“ Заев вели и дека очекува опцијата што тој ја предводи да победи на предвремените парламентарни избори во Македонија во април наредната година.