На денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев го обвини Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за предвременото почнување на преизборната кампања, па поради тоа најави и соодветни пријави.
Нивното анти-државно однесување беше забележано во периодот како опозиција, тоа се случи и за време на корона-кризата, а таквото однесување кулминираше со наближување на изборниот процес. Последен доказ за тоа е предвременото започнување на кампањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, чии носители на листи, кандидати за пратеници, активисти за време на викендот јавно делеа партиски пропаганден предизборен материјал што е спротивно на законите – изјави претседателот на СДСМ.
Ваквата изјава на Заев исфрла на површина дека терминот „анти-државно однесување“ му е во редот на најомилените. Откако без никакви аргументи направи анти-државни елементи куп медиуми со кои не може да манипулира, сега цел на напад му е најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Зачудува леснотијата со која се расфрла со гола фраза, која беше главна одредница во времето на едноумието кога се „штанцаа“ антидржавни елементи заради заштита на комунизмот/социјализмот.
Но, очајот во кој се наоѓа Заев го претвора во вејка на ветрот. Во ек на криминални и коруптивни скандали на кои избегнува да даде одговори, тој се нафрла со празни куршуми врз опозицијата заради, наводно, предвремено почнување на кампањата. Притоа, не се лишува од злоупотребата на институциите на системот од позиции на политичка моќ и гола сила, типично за корумпиран тоталитарен режим.
Ако некој предвреме или, подобро речено, цело време е во кампања тоа е тој самиот и неговиот владејачки СДСМ. Притоа, газејќи и врз човечки животи и заболени од корона вирусот во земјата. Па, што правеа неговите сопартијци, почнувајќи од техничкиот премиер Оливер Сапсовски, па преку целата кандидатска листа за втората изборна единица во Куманово?! Садеа цвеќиња? Што правеа неговите сопартијци во Охрид и на охридското крабрежје кога делеа заштитни маски? Ќе ги пријави и нив пред институциите, што сака да ги злоупотреби? Или за нив ќе молчи?
Очигледно, Заев е во очај и бара сламка на спас, но тоа тешко му оди, зашто ни вратот веќе не му се гледа од криминалот и корупцијата во државата.