Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска го отвори третиот Македонски енергетски форум. Форумот годинава е во организација на ЗИП Институт, а во соработка со Владата на Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави. Покрај премиерот Заев, на форумот се обратија и амбасадорката на САД, амбасадорот на Норвешка и директорот на ЗИП Институтот.
Заев се заблагодари за тоа е што е дел од оваа конференција и истакна дека вложувањето во енергетската независност е важна за нашата држава.
– Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок, е вложувањата во енергетскиот сектор. Нашите заложби се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции, рече премиерот.
Тој кажа дека учеството во овие енергетски проекти ќе поттикне се повеќе сектори за развој на регионалната соработка. Исто така напомена и дека оваа влада ги следи позитивните примери на земјите од регионот.
– Во чекор со нашите заложби и усогласување на регулативата со ЕУ, годинава во февруари донесен е и новиот Закон за енергетска ефикасност, кој овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетската ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто, рече Заев.
На крајот, истакна дека примената на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност се дел од рамките за реализација и на Зелениот договор на Европската Унија кој има јасна цел – климатски неутрална и поотпорна Европа до 2050 година.