Македонија 25. октомври 2018. / 14:16

Заев: Владата пружа поддршка за раст и развој на Регионалниот Регистарски Портал

Заев: Владата пружа поддршка за раст и развој на Регионалниот Регистарски Портал

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на настан посветен на 16-та годишнина од работа на Централниот регистар на Република Македонија на кој се потпиша Договорот за формирање на управувачко тело на Регионалниот Регистарски портал, помеѓу Агенцијата за деловни регистри на Република Србија и Централниот Регистар на Република Македонија.

На настанот се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Директорката на Централниот Регистар, Марија Бошковска Јанковски, Раководителот на департманот за економски прашања и меѓугранична соработка во Канцеларијата на ЕУ, Фрек Јанмат и Директорката на Европската банка за обнова и развој за Република Македонија, Анка Јоанеску. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Дозволете ми најпрво да и ја честитам 16-тата годишнина на Централниот Регистар на Република Македонија на директорката Марија Бошковска – Јанковски и на сите вработени во институцијата.

Истовремено сакам да ви честитам за претседателството со Светскиот Форум на Корпоративни Регистри во 2019 година, што претставува особена чест за нашата земја.

Централниот Регистар на Република Македонија е институција која е стожер на креирањето на деловната клима во земјата, промотор на дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор и сервис на деловната заедница и граѓаните во Република Македонија.

Владата на Република Македонија ќе продолжи да дава целосна поддршка на напорите на институцијата во нејзиниот развој кон креирање на едношалтерски систем за деловната заедница и инвеститорите во земјата, имајќи ја во предвид заедничката цел, а тоа е промовирање на Македонија како земја со поволна деловна клима како за странските така и за домашните инвеститори и бизниси.