Македонија 04. јули 2020. / 21:37

Заев ветува: Со Бугарија ќе го решиме и Гоце Делчев како што ги решивме и другите проблеми

Заев ветува: Со Бугарија ќе го решиме и Гоце Делчев како што ги решивме и другите проблеми

Пријатели сме со петте соседи, целиот демократски свет ни е пријател, половина од нив веќе ја посетија РС Македонија во изминатите две и пол години, дојдоа сите лидери, дојде и папата. Сите дојдоа да го охрабрат овој мултиетнички народ дека е на вистинскиот пат и дека така треба да продолжи.

Ова во интервју за МИА го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на прашањето за односите на земјава со нејзините соседи и дали очекува од некои од нив нови блокади во претстојниот период.

Нема веќе рампи. Договорите се постигнати, имплементацијата на договорите е во тек и се заглави на четвртото поглавје Гоце Делчев. Како што ги решивме претходните три историски поглавја со шест историски личности, верувам дека и понатаму ќе ги решаваме на добробит и среќа на двете страни. Имаме Договор за добрососедство и споделувањето на таа заедничка историја. Треба да градиме пријателство, да бидеме уште поблиски повеќе да соработуваме, тоа да донесе и економски и каков било бенефит и на Македонците и Бугарите, од двете страни заради тоа што тоа е духот на Договорот, вели тој.