Премиерот Зоран Заев денеска нагласи уште еден потег што е подготвен да го направи под ризик да биде критикуван и од домашната јавност.
-Реално, подготвен сум иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството, истакна Заев.
Премиерот кажа дека предложиле авионска ескадрила на Бугарија да го чува македонското небо и тоа е, вели Заев, доказ за голема доверба кон нашите соседи.
-Прва беше Грција, сега Бугарија, а се понудија и пријателска Турција и Италија кои сакаа да ја вршат оваа достоинствена и важна задача согласно НАТО-стандардите, а ние објаснивме дека имаме и втор сосед којшто исполнува услови како што е Бугарија. Согласен сум ако треба уште еднаш да ги дефинираме работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права затоа што тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права, рече Заев.