Македонија 07. март 2021. / 20:21

Заев: Треба да работиме додека мажите и жените не се претставени подеднакво во институциите

Заев: Треба да работиме додека мажите и жените не се претставени подеднакво во институциите

Вечерва се одржа онлајн трибина, организирана од страна на Форумот на жени на СДСМ, по повод утрешниот ден – ден на жената, 8-ми март. На неа се обратија неколку личности од партискиот врв на СДСМ, меѓу кои и премиерот Заев.

Нашиот влог е да го менуваме општеството, да создаваме услови за целосна рамноправност на жените во сите општествени текови. Обврска ни е да создадеме општество во кое нема да има место за никакво вознемирување, психичко, физичко или сексуално, општество насочено кон превенција на насилството и заштита на жртвите. Направивме многу во изминатиот период на ова поле, но имаме политичка волја да направиме уште повеќе, порача лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на онлајн трибината што вечерва ја организира Форумот на жени на СДСМ.

Во оваа насока, додаде Заев, не е доволно делување само на една партија. Мора да се работи заеднички, на широк фронт.

-Наша должност е да предизвикаме општествени промени, да создадеме општество на еднакви можности меѓу мажите и жените. Успеавме да ги зголемиме бројките на жени од 15 на 30 отсто на раководните и на високите позиции или од 5 на 12 проценти на жените петприемачи и газдарици на фирми. Но, ова, всушност покажува уште колку треба да работиме додека не дојдеме до сооднос 50:50, истакна Заев.

Според него, фокус на СДСМ и на владините политики е воспоставување нови механизми за законски подобрувања. Веќе се керираат измени и дополнувања на Кривичниот законик со воведување две нови кривични дела – демнење и сексуално вознемирување, а во процес е и донесување нов закон за родова еднаквост чија цел е да се обезбеди потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата на жената, еднаков пристап до ресурси, целосно надминување на пречките, учество во донесувањето на одлуките.

Со законот, рече Заев, е предвидено и формирање секретаријат за родова еднаквост, тело кое ќе врши координација и ќе ја следи работата на институциите и локалната самоправа во однос на примената на законот.

– Никогаш нема да дозволиме насилство или повреда на права на жени, тие да бидат премолчени или неказнети. Нема да бидеме неми на никакво насилство, оосбено не на насилство врз девојки и жени, мора да развиеме култура во која насилството е неприфатливо. Има нови форми на злоупотреби и насилство, но ние сме решени да делуваме. Жртвите мора да знаат дека не се сами, државата и институциите се тука да ги заштитат, рече Заев.

Тој е горд, како што додаде, дека социјалдемократски вредности и владините политки се целосно во духот на родовата еднаквост и на еднаквата застапеност на жените во политичкиот и општествениот живот.

-СДСМ направи историски чекор и покажа дека е меѓу ретките партии кои родовата еднаквост ја поставуваат на сите нивоа. Жените во нашата партија денес се целосно изедначени со мажите, подвлече Заев.