Македонија 26. февруари 2019. / 13:09

Заев: Трајковски беше човек од народот, дел од неговата визија сега се исполни

Заев: Трајковски беше човек од народот, дел од неговата визија сега се исполни

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на молитвениот појадок, организиран во соработка со Меѓународната фондација на Борис Трајковски, по повод 15 годишнината на трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски.

-Беше човек од народот. Секогаш наоѓаше време за проблемите на обичните луѓе. Доаѓаа тие кај него, но и тој не престана да ги посетува во нивните домови. Се паметат и овие негови зборови: ‘Да бидеш претседател и да бидеш свештеник е сосема иста работа. Мораш да ги обединуваш луѓето од различно потекло и со различни мислења. Не треба само да им проповедаш, туку и да им служиш, да ги водиш, да страдаш со нив. Јас имам многу важна морална улога – да ги водам, да ги охрабрувам луѓето, да знаат што е добро, а што лошо и да ги натерам луѓето да си веруваат’ зборуваше претседателот Трајковски, потсети Заев.

Премиерот додаде дека Трајковски бил максимално посветен на поттикнување на соработката во Југоисточна Европа и на спроведување на неговата заложба за мирна добрососедска политика, со почит за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните земји.

-Политиките на Трајковски беа од особен придонес за постојаната афирмација и за натамошно приближување на нашата земја кон Европската Унија и кон структурите на НАТО. Имаше дарба и стратегија да ги одржува еднакво важни и односите на нашата земја со САД и Русија и со Народна Република Кина. Нашиот претседател Борис Трајковски, многу брзо се стекна со голем меѓународен углед. За неговата работа беше одликуван со високи одличја и признанија, рече Заев.

Премиерот подвлече дека Трајковски ја извршувал должноста како претседател во еден исклучително тежок период за нашата земја. Искушенијата со кои се соочувал исправено и храбро, во ниту еден момент не го поколебале.

-Не треба да се заборави неговата цврста определба и неговото уверување дека канцеларијата на претседателот на државата е надвор од партиските интереси. Врвен и единствен приоритет во извршувањето на неговата претседателска функција беа интересите на граѓаните и просперитетот на земјата наша, истакна Заев.

Реакциите, изјавите и пофалбите за неговите политики што доаѓаа од целиот свет, рече Заев, беа најискрени и сосема различни од вообичаените, стереотипи на политичка коректност и љубезност. Напротив, восхит за неговите политички одговори за најсложените прашања низ кои поминуваше нашата земја зборуваат максимално илустративно за работата и личноста на претседателот Борис Трајковски.