Македонија

Заев: Солидарноста и хуманоста се клучни во сузбивањето на социјалните проблеми

Заев: Солидарноста и хуманоста се клучни во сузбивањето на социјалните проблеми

Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска прими делегација на Европската федерација на банките на храна (ЕФБХ), предводена од генералната секретарка, Ангела Фриго, и директорот на Коалицијата против фрлањето храна во Македонија, Душко Христов.

На средбата беа презентирани идеи и практики за развој на банки за храна од земји членки на ЕУ, кои би послужиле како модели за одржлив развој на мрежа од банките за храна во Македонија.

Премиерот Заев на средбата изрази поддршка од лично име и од име на Владата на Република Македонија за ентузијазмот и активизмот, кој, како што истакна на средбата, е силна порака за солидарност, помирување и споделување не само декларирана туку и манифестирана на дневно ниво.

Генералната секретарка на ЕФБХ, објаснувајќи ги придобивките од работата на банките за храна, сподели искуства од Италија и Франција и додаде дека системската поддршка на државите во работата на банките за храна резултирала со 20 отсто порастот на редистрибуираната храна.

Премиерот Заев се заблагодари на позитивните пораки за подигање на свесноста на граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата преку единство во добрите намери да се помогне на оние на кои им е најпотребно, повика на поинтензивна комуникација и соработка за поголема вклученост и побрз развој на банките за храна во Република Македонија и додаде дека солидарноста и хуманитарните ангажмани се клучен дел во рушењето на општествените празнини и поделби.