Премиерот Зоран Заев во придружба на министрите за локална самоуправа, Горан Милески и за животна средина, Насер Нуредини денеска го посети планинскиот рекреативен центар Пониква и направи увид во реализираните проекти за унапредување на туризмот со финансисика помош од државниот буџет и од Програмата на швајцарската Агенција за развој.
– Минатиот месец ги прогласивме Осоговските Планини за заштитен предел и со тоа го ставивме во заштита специфичниот рурален предел кој ги потврдува карактеристичната поврзаност меѓу луѓето и природата и исклучителните природни, културни и историски вредности. Голем дел од новите можности влегуваат во политиките за заживување на селата во и околу заштитеното подрачје, како поттикнување на традиционалното земјоделие, овчарството, пчеларството, одгледувањето локални сортни растенија и раси животни типични за овие наши предели. Владата издвои средства за да се реконструира патот за помасовен туризам на Пониква, а Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка обезбедија пет милиони денари да се реконструираат и стават во полна функција ски-лифтовите.чија реконструкција се одлагаше цели 40 години. Во прилог на разновидните потенцијали е проектот „Планински велосипедски рај, во чии рамки е изградбата на планинарски дом, а што е финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на ЕУ, администриран од Светска банка, истакна премиерот Заев.
Додаде дека Осоговските Планини добиваат нов стимул маскимално да ги искористат своите потенцијали, а развојот станува реален со поддршка на локалната самоуправа од страна на Владата и од пријателските држави, со што се создаваат услови и кај нас да се донесат европските стандарди.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев изрази благодарност за доегашната поддршка за проширување на туристичкиот потенцијал Осоговските Планини, при што нагласи дека за создавање услови за развој на авантуристичкиот планински туризам се наменети вкупно 30,6 милиони денари, од кои со десет проценти од сопствениот буџет учествува Општина Кочани.