Македонија 06. април 2020. / 16:08

Заев-Сјарто: Помошта од Унгарија го потврдува пријателството на нашите држави и народи

Заев-Сјарто: Помошта од Унгарија го потврдува пријателството на нашите држави и народи

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изрази голема благодарност кон народот и Владата на Унгарија за помошта и поддршката кои ги укажуваат во овие тешки моменти за сите нас, но и во сите овие години континуирано, се вели во соопштението од партијата по средбата на Заев со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

-Помошта што ја добиваме од Унгарија само го потврдува пријателството на нашите држави и народи, порача Заев.

Во соопштението се наведува дека во разговорот заеднички било заклучено дека посетата на министерот Сијарто е охрабрување за сите успеси кои се постигнати во изминатите три години, како што се членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Дополнително, било изразено и заедничко задоволство што дури три од шесте држави од Западен Балкан се веќе членки на НАТО.

Заеднички се согласиле дека е многу важно што дури и во овие тешки моменти ЕУ смогнала сили да ја донесе долгоочекуваната одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија и дека можеме да очекуваме преговорите и практично да започнат до крајот на јуни оваа година.

Дополнително, се наведува, Заев и Сијарто го поздравија ангажманот на комесарот за проширување Оливер Вархеји кој успешно го започна својот мандат со нова методологија за преговори, позитивен извештај за напредокот на нашата држава и со позитивна одлука за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Двајцата соговорници се согласиле дека двете држави како и досега ќе продолжат заедно да работат на справување со предизвиците поврзани со бегалците, а претседателот Заев упати посебна благодарност до министерот Сијарто за работата на унгарските полициски службеници на границата помеѓу Северна Македонија и Грција.