Македонија 04. јули 2019. / 14:31

Заев: Секој што го прекршил законот треба да одговара

Заев: Секој што го прекршил законот треба да одговара

Како што нагласи Заев, сите имаат обврска и треба да дадат придонес во враќањето на правната држава, а презумпцијата на невиност мора да се почитува.

Однапред да давате квалификации за некој дали има вина или не, дали некој нарачувал или не, е срамота, потенцира премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новиот погон на фабриката „Тиамо“ во Глумово, Сарај.

Тој уште еднаш повтори дека секој што го прекршил законот треба да одговара, но преку судски постапки, аргументи и докази, а секој што е невин, секако треба да биде ослободен.

На прашањето дали верува во правосудството, Заев рече дека има големи девијантни појави кои се катастрофа за општеството, но и одлични примери.

Јас сум веројатно првиот премиер кој вака отворено фрла ракавица кон една независна власт како што е судската. Нема правда, ако таа не е еднаква за сите, ако секој не одговара согласно Законот, подвлече премиерот и ги повика медиумите да продолжат да го помагаат процесот на транспарентност.