Македонија 12. ноември 2020. / 15:20

Заев: Правиме напори до последен момент, но има работи за кои никаде во светот не се преговара

Заев: Правиме напори до последен момент, но има работи за кои никаде во светот не се преговара

Премиерот Зоран Заев иако е оптимист за наоѓање решенија во спорот со Бугарија, не ја исклучува можноста Македонија да не добие прва меѓувладина конференција со Европската унија.

Тој денеска на прес-конференцијата во Владата за доделување финансиската поддршка на 400 компании од третиот пакет на економски мерки, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека има работи за кои никаде во светот не се преговара.

„Преку оптимизам испраќаме порака дека правиме сè за да постигнеме решение. Јас сум истиот тој што пред месец дена на празникот 11 Октомври го запознав народот дека е можно да немаме решение односно дека е можно да не се одржи првата меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и ЕУ. Правиме напори до последен момент, ќе дадеме сè што може од наша страна како енергија, памет и мудрост, но знаете дека има работи за кои никаде во светот не се преговара. Тоа го сфаќа и бугарската страна, сфаќа дека нашиот идентитет и нашиот македонски јазик се наше чувство и право, државите не преговараат за оваа работа. Ние продолжуваме да изнаоѓаме решение кое секако би било прифатливо за двете страни, но дефинитивно стојам и денеска на тоа дека постои можност да не добиеме прва меѓувладина конференција со ЕУ“, изјави Заев.