На просторот околу езеро „Младост” кој беше зафатен од голем пожар, денес увид извршија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со градоначалниците на Велес и Скопје и институциите кои беа надлежни за гасење на пожарот.
Пред увидот Заев оствари средба со градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, командирот на Територијалната противпожарна единица Велес, Љупчо Лепидовски, со претставниците на локалната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, на СВР Велес, на Јавното претпријатие Дервен и Шумското стопанство Бабуна, на Црвениот крст и на Армијата на Република Северна Македонија, како и со Агрон Буџаку, директорот на Центарот за управување со кризи, со командантот на противпожарна бригада Скопје и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
На средбата стана збор околу координацијата и заедничката поддршка која треба да се даде во вакви ситуации Заев рече дека блок дотациите за финансирање на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од МВР биле префрлени во Министерството за одбрана, со што се создава можност за кадровско јакнење но и набавка на нова опрема.
Од Владата воочиле дека и Дирекцијата за заштита и спасување мора навремено да се екипира. Во земјава има три противпожарни авиони „ер трактор“ и двајца активни пилоти, кои физички не можат да стигнат да реагираат секаде низ земјава кога има пожари.
Во Буџетот има предвидено 12 милиони денари за доедукација на пилоти, оти ги нема. Мислам дека ќе одат во Хрватска на дообразование за да може да се доекипираат. Пилотите имаат право на одмор после одреден број часови на лет. Таков беше и случајот во Велес и затоа повеќе вода истурија воените хеликоптери отколку ер тракторите, кажа Заев.