Македонија 26. март 2020. / 15:59

Заев популистот vs Заев економистот

Заев популистот vs Заев економистот

Во борбата на пазарот на гласови, како што би рекол екс-премиерот Зоран Заев, владејачкиот СДСМ веќе не бира средства. По денешната прес-конференција на партискиот портпарол Костадин Костадинов, веќе не е јасно дали СДСМ е власт или во опозиција и дали лидерот Зоран Заев како популист е против Зоран Заев како економист? И тоа во време кога целиот свет, што значи и ние, се соочуваме со пандемијата од корона вирусот.

За некого можеби ќе делува како детал или ситница, но, како велат, Ѓаволот се крие токму во нив. Тоа што до вчера се продаваше како успешна владина мерка сега се трансформира во нешто сосема друго.

-За сите приватни фирми погодени од кризата, владата да помогне со исплата на една нето минимална плата по вработен (14. 500 денари) за месеците април и мај. Фирмите сами ќе си ги платат придонесите за плати, како и персоналниот данок, изјави денеска, меѓу другото, Костадинов.

Само за потсетување, во сетот економски мерки, што ги промовираше Заев како мерки на Владата, која подоцна усвои некои од нив, беше и предлогот Владата да плати 50% од персоналниот данок на вработените во најпогодените приватни фирми. Кога уследија реакциите дека тоа се козметички мерки, сега истиот тој владејачки СДСМ, што ќе рече истиот Заев како економист, предлага Владата на најпогодените фирми, место половина персоналец, да им исплати по една цела минимална плата, а самите фирми да си го платат персоналецот. Тука, пак, на површина излегува владејачкиот СДСМ, што ќе рече Заев како гол популист.

И што е повеќе Заев-економист или гол популист?! Во што Заев се разликува од популистите, кои вчера ги обвини дека се против рестриктивните мерки на Владата, посебно во делот на минималецот од 14.500 денари за сите функционери и вработени во државната и јавна администрација? Во ништо. Зашто, и тој е гол популист, кој се бори на пазарот на гласови во време на најголема светска криза.

Уште ден детал. Костадинов денеска побара уште нешто друго:

-Претседателите и членовите на Советите во општините и претседателите и членовите на Управните и Надзорните одбори на институциите формирани од централната и локалната власт да не земаат надоместоци за месеците април и мај.

Владејачката коалиција има апсолутна власт, значи власт и на централно и на локално ниво. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има само пет општини. Кој ги спречувал или спречува и централната и локалната власт доброволно да го стореле или сторат тоа и (до)сега? Никој! Ама, владејачкиот СДСМ треба да се покаже како „Добрата вила“!