Македонија 08. октомври 2019. / 13:50

Заев: Подготвени сме да го имплементираме мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците

Заев: Подготвени сме да го имплементираме мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазиците

Како институција сме подготвени да го имплементираме мислењето на експертите на Венецијаската комисија за Законот за јазиците, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на фабриката „Маркарт“ во велешкото село Каласлари во врска со драфт верзијата на Венецијанската комисија околу употребата на Законот за јазици.

Според премиерот, сето тоа што го предлага Комисијата е на ниво на европските пракси и оти од неа сакаат да учат.

Рековме дека ја почитуваме Венецијанската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење, бидејќи досега како што коментираа, што е поважно дали владеењето на правото и очекувањето да се добие правда или употребата на јазикот. Можеме да дадеме објаснувања колку се важни правото на јазикот и на правда, за на крај да можеме да дадеме свое мислење и да можат тие да го оформат своето мислење, рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за забелешката на пратеникот на ДУИ, Артан Груби, кој коментираше дека цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на Законот, односно дека со него е купен мир, премиерот посочи дека законот е човечко право што произлегува од правото на употреба на јазици и јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен. Оттука, според него, и доаѓа буквално употребата на јазиците, што е уставно право на граѓаните.

Дефинитивно треба да бидеме демократи да донесеме закон, а Венецијанската комисија ќе ни ги даде своите укажувања и конечно сме подготвени да го имплементираме. Бидејќи ако сакаме да влеземе во Европската Унија, треба да ги почитуваме европските институции, истакна Заев и дополни дека во државата се е транспарентно и сите знаат како се одвиваат процесите.