Државниот секретар на САД Мајк Помпео, кој со висока државна делегација денеска е во официјална посета на Република Северна Македонија, во хотелот „Инекс Олгица” одржа средба со премиерот Зоран Заев.
По средбата со Помпео, премиерот Заев изјави дека за неколку дена од Брисел очекува добра вест , што ќе биде добро и за безбедноста во регионот. Северна Макеоднија заслужува да добие датум за преговори. Стабилен балкански регион е во интерес на ЕУ и оваа посета на државниот секретар Помпео е од огромно значење за нас, рече Заев на прес конференцијата.
–САД се докажан пријател на Северна Македонија. Покрај силната политичка поддршка од независноста до денес, имаме добиено силна поддршка и преку УСАИД за развој на демократијата, институциите и за подобрување на животот на нашите граѓани. Американскиот народ е пријател на македонскиот народ, и на сите народи коишто живеат во нашата земја., напиша претходно премиерот Заев на ФБ.
Авионот „Air Force 2″ на државниот секретар попладнево слета на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле”, каде во чест на високиот американски државник беше подготвен свечен пречек со гарда и највисоки државни почести.
Добредојде на Помпео и неговата сопруга во Охрид им посака македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров со сопругата. Веднаш потоа американската делегација во која уште е и заменик-помошник на заменикот државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и поранешен амбасадор во Скопје Филип Рикер, замина кон вилата „Билјана” на средба со Пендаровски.
Протоколот на посетата на Помпео на земјата предвидува по средбите да бидат дадени изјави за медиумите за текот на денешните разговори, а потоа државниот секретар Помпео ќе ја посети и црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, што беше реконстуирана и конзервиран фрескоживописот средства озбезбедени преку УСАИД од американските даноќчни обврзници.