Премиерот во заминување Зоран Заев на денешната трибина „На прав пат“ се осврна и на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека СДСМ ја вратил Македонија на мапата на светот.
Кога беа на власт никој не знаеше каква е нашата иднина, не знаеја и тие. Се грижеа само за прислушување и лично богатење. Ние ја вративме Македонија на мапата во светот. Тие најбогата партија во светот. Изолирани и скарани со сите. По два бардаци вода да им дадеш, двата ќе ги украдат и ќе избегаат во Будимпешта, рече Заев.
Обраќајќи се од салата „Борис Трајковски“, рече дека и поранешниот претседател Трајковски би бил разочаран од ВМРО-ДПМНЕ.
Ќе беше разочаран од своето ВМРО-ДПМНЕ. Од стотината споменици кои ги истурија во центарот, не се најде ниту еден од него. Ќосето заслужил, Трајковски не заслужил. Но во нашата Струмица се издигна негов споменик, рече Заев.
Заев, а и Шекеринска денеска го промовираа новиот поздрав меѓу сопартијците, обраќајќи се со „другари и другарки“.
Сите ние сме на правиот пат! Другарки и другари, денес можеме да кажеме дека времињата на несигурност се зад нас. Тргнуваме по пат кој ни обезбедува повисок стандард. На следните избори, Северна Македонија ќе избира меѓу напредокот и уназадувањето. Направивме многу, а имаме уште многу. Затоа нема скршнување од патот на победата. Ако на момент ни се чини дека напредокот се остварува бавно, тоа е затоа што е реален. Ќе победиме затоа што успеавме и тоа му е јасно на секој. Се друго е враќање назад кон старите проблеми, кавги и дома и со соседите. Враќање во молк и режим, рече премиерот во заминување и ги повика членовите на СДСМ да се ангажираат.Затоа ајде да се договориме дека секој член од СДСМ да промовира меѓу своите другари и другарки за трите столба за победа. Економијата на прво место. Може ли две и пол години да бидат повеќе од 11? Може, зошто направивме повеќе од претходните. Граѓаните почнаа да ги чуствуваат придобивките, рече Заев редејќи ги економските реформи на Владата.