Претседателот Стево Пендаровски не бил внимателен со зборовите кога кажа дека бугарската политика нема излезено од матрицата на Живковизмот и дека тоа е резултат на неговото неискуство.
Заев додаде дека сепак, во душата и паметот, претседателот Пендаровски има желба за големо пријателство со Бугарија.
Во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“, Заев беше прашан дали се оградува од тврдењето дека Бугарија е живковистичка држава.
-Верувајте, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев. Нормално, затоа што работел со нашите претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија и секако на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некој пат, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет, е комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, одговори Заев на бугарскиот новинар.