Премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со лидерите од Западен Балкан порача дека состанокот во Охрид е со желба за Балканот во 21-иот век, со цел истиот тој Балкан да биде поубаво место за живот.
-Отворивме една иницијатива, која јас ја нарекувам акционен план кој создава нов поинаков Балкан од оној кој ние го познаваме. С. Македонија, Србија и Албанија ги повикуваме останатите земји од Балканот за да направиме уште повеќе од она што го работиме во рамки на Берлинскиот процес – истакна Заев.
Тој рече дека акциониот план подразбира движење на сите граѓани само со лична карта, како и 24-часово отворени граници меѓу овие земји.
-Се со цел да имаме поголема пропусливост на границите, проток на капиталот и стоката. Се надевам дека сите ќе ја „прегрнат“ оваа иницијатива бидејќи носи добро за целиот полуостров. Се ова што го правиме е за прв пат во ваков облик, како додатна вредност кон европските институции – рече Заев.