Македонија 02. јули 2020. / 21:23

Заев од Кочани: Донесовме храбри одлуки и отворивме перспективи за идните генерации

Заев од Кочани: Донесовме храбри одлуки и отворивме перспективи за идните генерации

За неполни три години донесовме храбри одлуки со кои станавме земја членка на НАТО и добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, со што денес ги живееме идеалите за кои зборувавме во изминатите триесет години, истакна вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред граѓаните на Кочани на трибината во рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.

– Веќе сме членка на НАТО, а поглавјата за преговори со ЕУ очекувам да почнеме да ги отвораме во септември или октомври, а со тоа ќе ги отвориме и европските фондови. Кога требаше храброст да донесеме одлуки, ги носемвме и денес резултатите се видливи на секој план. Да бидеме горди затоа што ги исполнивме стратешките цели, аспирациите и аманетот на нашите предци, имаме земја која е призната од целиот свет. Зборуваме македонски јазик кој е признат од целиот свет, рече Заев.

Според него, Третата изборна единица во која спаѓа и Кочани, е многу важна и тука очекува коалицијата „Можеме“ да извои, како што рече, убава победа.

– Верувам дека ќе успееме во она што е зацртано пред нас бидејќи секогаш граѓаните знаеле да изберат вистинска одлука и да застанат на вистинскиот пат. Кочани е познат по мостовите за поврзување преку реката, а ние за нашата држава градевме мостови на пријателство со соседите што ќе им се најдат на следните генерации. Трговијата со Бугарија е преку 15, односно со Грција е преку 21 отсто. Кочани е познат и по средновековните кули што биле градени за безбедноста на градот, но нам веќе не ни се потребни кули затоа што сме дел од НАТО. Го бараме од граѓаните следниот мандат, со отстранети проблеми и создадени сојузници, за да покажеме економски резултати, да ја реформираме правната држава и да обезбедиме благодет за сите граѓани, нагласи Заев.