Верувам дека министрите кои се предложени од опозицијата во техничката Влада професионално ќе ја извршуваат својата работа, а на крајот будното око на јавноста е присутно, рече денес во Струмица претседателот на СДСМ и досегашен премиер, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Истакна дека најважна задача е сите заедно да ги земат своите права, но пред се и одговорноста за реализирање на слободни, фер и демократски избори како што и прилега на земја која е во исчекување конечно да добие датум за преговори, идна членка на НАТО и верува дека сите заедно тоа можат да го постигнат,
– Верувам дека новите министри кои се на предлог на опозицијата ќе ја вршат совесно и солидно својата работа, заради тоа прво што рековме секој месец, секоја недела, секој ден се важни и зошто овој просперитет и прогрес да не го искористиме за да го унапредиме растежот да биде уште поголем, додаде Заев.
На прашање дали има важни законски решенија кои треба да се донесат до распуштањето на Парламентот на 12 февруари, лидерот на владеачката партија рече дека има многу законски решенија за донесување и сите се важни.
– Мене ми е драго и сум благодарен на Парламентот како досегашен претседател на Владата за донесувањето на законите кои имаат импакт или реализација од 1 јануари за да можат да течат сите процеси, за да може Фондот за пензиско да ги калкулира новите пензии, новите плати кои се покачени, минималната плата-сето тоа беше многу важно, смета Заев.