Премиерот Зоран Заев очекува дека законот за СЈО ќе биде донесен со консензус. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека законот влегува во парламентарна расправа со тоа што прво ќе се разговара со најголемата опозициска партија па со помалата група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците.
– Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка-рече Заев одговарајќи на прашања по денешното потпишување на првите договори за закуп на државно земјоделско земјиште до три хектари.
Заев вчера најави дека денеска Владата на седница ќе ги донесе законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители, со што како што рече, е уверен дека во наредните три месеци до затворањето на извештајот на ЕУ земјава ќе успее да ги исполни сите цели поставени пред нас од Советот на ЕУ од јули минатата година.
– Драго ми е што можам да соопштам дека утре Владата ќе ги донесе овие два закони, ќе ги пушти во парламентарна процедура. Сé е искристализирано веќе, јасен е ставот по кој пат се движиме во оваа работа. На Влада веќе го усвоивме законот за реформите во безбедносните и разузнавачките служби, продолжува транспарентната дебата низ парламентарните комисии каде што очекуваме целосна инволвираност на опозицијата по сите овие закони низ дијалог, заедно да ги допрецизираме за да поминат на гласање. Се надевам на консензус. За дел од законите ни е потребно и двотретинско мнозинство како што е законот за ЈО- рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата со Филип Рикер.
Минатата недела министерката за правда Рената Дескоска изјави дека носењето на законот за јавното обвинителство ќе биде еден од клучните моменти што ќе бидат пресудни во одлуката за отворање преговори, имајќи ги предвид препораките од меѓународната заедница, особено од Европската Унија, но истакна дека во тој момент нема обезбедено двотретинско мнозинство од пратениците во Собранието за законскиот текст што беше изработен од Министерството за правда во консултација со странски експерти.