Парламентарната Комисија за уставни прашања го усвои текстот на нацрт- амандманот кој предвидува промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија. Со мнозинство гласови, нацртот беше испратен во понатамошна парламентарна постапка.
Расправата за предлог-амандманот за промена на Преамбулата беше концентрирана во насока на нејзина модернизација. Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села побара мултиетничкиот карактер на земјата да се одрази и во Преамбулата. Села исто така побара да се отстрани фразата „20 проценти“ за населението, споредувајќи го актуелниот устав со уставите на поранешното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.
-Реченицата да започне со: Граѓаните на Македонија, македонскиот народ и да се избриши делот ‘како и други граѓани кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ…’, значи после македонскиот народ да продолжи албанскиот народ, влашкиот народ, ромскиот, српскиот, бошњачкиот и така натаму. Ова би ја направила поправедна идната Македонија, ова би ги застапило сите граѓани подеднакво.“ Изјави, Зијадин Села- Претседател на Алијанса за Албанците
Премиерот Заев истакна дека сите препораки ќе се разгледаат, но тоа не значи и дека ќе бидат прифатени.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа во Преамбулата да се опфатат три важни историски документи, вклучувајќи го и воениот устав од 1878 година.
Заев вети дека за овој предлог ќе се консултира со експертите.
Нацрт-амандманот за Преамбулата предвидува да се цитира Прогласот на АСНОМ, наместо одлуките и да се додаде Охридскиот договор од 2001, кој е веќе инкорпориран во Уставот, па сега само се додава називот „Охридски договор“.